„Контекстот е она што го прави зборот навредлив. Ако ве нарече непознат човек „дебел“, тоа може да ве вознемири, налути и да се чувствувате безвредно. Но што ако ви каже лекар дека е загрижен што вашето тело задржува премногу масти?“
Зошто треба да престанеме да се грижиме за тоа како ќе ја нарекуваме дебелината
Дали е важно како ја нарекуваме дебелината?
Како треба да ја нарекуваме? Изненадувачки е колку многу се задржуваме на одговорот на ова прашање кога зборуваме за дебелината. Некои луѓе повеќе сакаат да го користат зборот „дебели“ бидејќи мислат дека тоа е суштински опис. Други пак ги навредува зборот „дебели“ и повеќе сакаат да го користат зборот „обезни“ бидејќи е објективен, клинички термин.
Неодамна присуствував на конференција за дебелина и справување со телесната тежина во Обединетото Кралство, каде што еден говорник го спомена зборот луѓе со „зголемена телесна тежина“. Ова предизвика негативен одѕив кај дел од публиката, кој очигледно сметаше дека тоа претставува стигматизација и дека е истовремено навредливо.
Активно учествувам во организации кои ги поддржуваат луѓето што живеат со дебелина. Забележувам дека стигмата претставува важен аспект на овој предизвик, па затоа има и различни објаснувања и несогласувања околу дефинициите. Секој од нас е индивидуа, и тешко дека сите ќе бидат задоволени. Она што некој го смета за навредливо, друг го гледа поинаку.
Според мене, контекстот е она што го прави зборот навредлив. Ако ве нарече непознат човек „дебел“, тоа може да ве вознемири, налути и да се чувствувате безвредно. Но ако ви каже лекар: „Ме загрижува што вашето тело задржува премногу масти и тоа во иднина може да ви предизвика здравствени проблеми“, дали го чувствувате истото?
Вообичаено се смета дека самите сме си виновни за дебелината, а тоа ги охрабрува луѓето да се исмеваат, да дискриминираат и да малтретираат. Кога заврши конференцијата, почнав да се прашувам колку всушност размислуваме „како да ја наречеме дебелината?“ Зар стигмата „јади помалку, движи се повеќе“ не е позагрижувачка отколку како се нарекува самата болест?
На крајот на краиштата зар тоа не е само збор?
Луѓето како да не разбираат дека сум физички активна. Имам физичка работа со полно работно време, уште откако го напуштив училиштето. Имав и личен тренер, одев во сала за вежбање и секој ден пливав. Па затоа може да ме нарекувате дебела, со прекумерна тежина, со зголемена телесна тежина, крупна или како сакате поинаку. Но ако чувствувате потреба да ме осудувате, направете го тоа врз основа на сопственото размислување, а не затоа што така велат медиумите или професионалците кои немаат искуство и не разбираат како изгледа животот со дебелина.
„Имам физичка работа со полно работно време, уште откако го напуштив училиштето. Имав и личен тренер, одев во сала за вежбање и секој ден пливав.“
Според мене, конференции и други форуми на кои се дискутира за дебелината може да бидат корисни за подобрување на комуникацијата меѓу академиците и пациентите. Таквиот дијалог ќе придонесе за подобро разбирање на предизвиците со кои се соочуваат луѓето што живеат со дебелина и ќе овозможи подобра стратегија за напредок. И тоа не земајќи предвид само еден ограничен, стигматизирачки збор, туку повеќе аспекти на дебелината.