„Чувствувам дека многумина мислат: Па добро, си јадела чоколади и си се здебелила. Но не е толку едноставно“
Моето искуство со дебелината: Од некој кој јадел за утеха до модел со плус килограми
Зголемување на телесната тежина во детството
Тешко ми е да зборувам за мојот живот зашто треба да откријам дел од себе, дел што повеќето луѓе не сакаат да го откријат, ниту пак можат.
Во детството многу страдав. Татко ми беше алкохоличар и физички ја малтретираше мајка ми, а кога не ја тепаше мајка ми, ме тепаше мене. Бев многу осамено дете и многу страдав. Бев и сексуално злоупотребена.
Па така, јадев да се утешам. За да се справам со траумата ќе земев чоколадо. Ќе се повлечев во мојата соба и во моментите на осаменост и болка, ќе го изедев чоколадото и на тој начин чувствував мала утеха.
Истовремено се здебелував, и се прашував што всушност ми се случува. Моите браќа беа слаби и атлетски градени, а сите јадевме исто за појадок, ручек и ужина. Единственото што го правев поинаку од нив е тоа што јадев чоколадо за да се утешам.
Прочитајте повеќе
Правење операција
Години подоцна, на 28-годишна возраст станав мајка со 180 килограми и многу маснотии во пределот на стомакот.
Ми се случуваше наутро кога ќе се разбудам да истегнам мускул додека се вртам во креветот. Се обидував да си го кренам стомакот. Си размислував: имам ли долна облека што ќе направи да изгледам барем малку попристојно? Или ќе си помислев: лекарите само ќе ме измерат, ќе ги видат наборите на кожата и кожните инфекции.
Во бањата требаше да ја извадам вратата од туш-кабината бидејќи физички не ме собираше во неа. Потоа поткревав набор по набор и ги чистев инфицираните делови на кожата и мирисот од инфекциите.
„Отидов кај мојот лекар и благодарение на него направив баријатрична операција. Изгубив повеќе од 90 килограми, што беше половина од мојата тежина. Тоа беше најдобрата работа што ми се случи. Тогаш си помислив: „Сега имам свој живот“.
Кога ослабев, станав прв модел со повеќе килограми во Ирска и напишав книга за да ги охрабрам жените да се чувствуваат добро во својата кожа. Зашто на крајот на краиштата, без разлика која големина носите, заслужувате кога ќе се разбудите наутро и ќе се погледнете во огледало да се чувствувате добро. Заслужувате да носите облека што ви прилега.
Прочитајте повеќе
Мојот живот денес
Поминаа 13 години од операцијата. Сè уште живеам со дебелина и вратив 25 килограми. Често одам во сала за вежбање и се хранам здраво, бидејќи поради операцијата можам да јадам само многу мали порции храна. Поголемиот дел од мојата исхрана се состои од овошје, јаткести плодови, зеленчук и високопротеинска храна. Наутро медитирам и вежбам јога. Прилично сум здрава.
На сето ова јас гледам на овој начин: долго време сте се обвинувале, сте се мразеле и сте дозволиле да кажете работи за себе што не би дозволиле други да ги кажат за вас. Промената треба да почне така што ќе се сакате самите себеси. Треба да почнете да се цените, без разлика на вашата големина и тежина. Кога ќе размислувате позитивно, ќе може да почнете да правите мали промени во животот за да се справите со болест, каква што е дебелината, и така ќе се чувствувате многу подобро.